Орална хигиена кај децата

29.06.2017

За оралната хигиена кај децата, од тоа како треба да се чистат првите заби и појавата на кариесот кај децата, разговаравме со Др. Лидија Димова од Стоматолошката ординација Биодент.


Од кога треба да се почне со орална хигиена кај децата и како да се прави тоа?

Одржувањето на оралната хигиена е од големо значање за здравјето на детските заби. Негата на детските заби треба да започне со никнување на првите запчиња во устата. Чистењето во тој период се врши со газичка намотана на прстот на родителот, се со цел да се отстранат меките наслаги околу забчињата. Во тој период детето се храни со мека, кашаста и леплива храна затоа е неопходно да се одстрани наслагата што се задржува за забчето. Во овој период нема потреба од користење на паста за заби.
Во наредниот период од детството потребно е користење на четка и паста за заби прилагодени на возраста на детето. За почеток доволно е забите да се мијат наутро и навечер, а подоцна и после секој оброк. Задача на родителите е низ игра да му помагаат на детето да ги одржува забите чисти и најважно да создадат навика кај детето за чистење на забите.


Што е циркулатен кариес и зошто се појавува кај децата?

Циркуларниот кариес е специфична форма на кариес на млечните заби. Името го добил по начинот на кој што се шири-кружно околу вратот на забот.Се развива многу брзу најчесто како последица на некои навики кои што ги имаат децата. Проблемот обично се јавува кај деца кои што имаат навика да заспиваат со шише со засладен чај, млеко или сок, или ако детето спие со цуцла во устата која што е премачкана со мед или некој густ сок. Додека детето спие, шекерите се таложат на забите, а бактериите кои нормално се наоѓаат во детската уста шекерот го претвараат во киселина која понатаму предизвикува кариес. Овој тип на кариес е со специфичен изглед и може да се забележи како темни дамки околу вратот на забите. Најчесто се јавува на предните горни заби. Причината за тоа е што овие заби први изникнуваат и најдолго се изложени на шекерите од засладените напитоци кои што им се даваат на децата. Во почетокот се јавува само промена на бојата на забот, која за брзо време се трансформира во карозна лезија, која што се шири кружно околу забот и доведува до негово кршење.


Како да се спречи оваа појава?

Превенцијата е правилно и редовно одржување на оралната хигиена, почнувајки од израснувањето на првото забче. Покрај хигиената треба да се избегнуваат и лошите навики, да не му се дозволува на детето да се успива со течности кои што содржат шекери. Редовните стоматолошки посети може да придонесат за навремено детективање на појавата, а со тоа и навремено спречување.


Како да се постапи кога веќе овој тип на кариес се појавил?

Лекувањето на циркуларниот кариес е комплексен процес. Првично треба да се елиминираат лошите навики на заспивање со цуцлата во уста-доколку се установи дека постои таква навика. Да се започне со орална хигиена и отстарнување на меките наслаги околу забите, ако до тогаш не е започнато со чистење на забите, или процесот да зачести. Понатаму редовна примена на флуориди. Доколку детето соработува, може да се примени и конзервативна терапија и примена на гресјономерни цементи.


Дали кај децата кај кои што се развила оваа појава ќе имаат проблем и понатаму со расипување на трајните заби?

Нелекуваните млечни заби се извор на хронична инфекција, а истите може да ги оштетат и зачетоците на трајните заби кои што се наоѓаат веднаш под нив. Особено во периодот на мешаната дентација, кога во устата се присутни и млечни и трајни заби, нелекуваните млечни заби може да се извор на инфекција и причина за појава на кариес на трајните заби. Децата кои што се со многу оштетени млечни заби може да имаат и проблем со говорот, а и предвреме изгубените млечни заби може да доведат до неправилен раст и развој на вилицата.

© ЕЦ СОНЦЕ - сите права задржани