Дали за децата од 6 години е време за на училиште?

05.05.2017

Во сите основни училишта во Републиката, во тек се уписите на децата во прво одделение. Првото од деветте одделенија за децата кои што до крајот на оваа година ќе наполнат 6 години, ќе започне на 01 Септември. Актуелна тема на разговор и оваа година како и предходните, е дали децата се сеуште мали за да го започнат образовниот процес. На оваа тема ние од ЕЦ СОНЦЕ поразговаравме со Мр. Надица Скепароска Петковска психолог-терапевт, која што успешно работи, покрај другото и со деца во своето Советувалиштето Мозаик.

Согласно закон, децата кои што до крајот на годината ќе наполнат 6 години треба да се запишат во прво одделение. Дали овие деца се спремни за во училишна клупа?

Сметам дека на ова прашање нема единствен одговор. Истото може да се одговори од различни гледни точки. Поголемиот број деца на таа возраст поседуваат соодветни интелектуални капацитети за совладување на наставата во прво одделение. Меѓутоа не смееме да го заборавиме и емоционалниот развој. Кај одреден број на деца на таа возраст социо-емоционалниот развој не е на соодветно ниво, за истите да можат да се адаптираат во училишната средина каде се учат правила, ред, дисциплина, се оформуваат другарства и сл. Искуството од пракса покажува дека децата околу 5 години и 8 месеци најчесто имаат изградени способности да ја следат наставата која е адаптирана за нив, меѓутоа честопати се соочуваат со потешкотии да се седи мирно во клупа подолго од 15 минути и со потешкотии во градењето слика за себе како дел од врсничките групи.

Родителите на децата родени во Јануари имаат право да бираат дали своите деца ќе ги запишат во училиште со наполнети 5г и 7 месеци, или ќе ја чекаат наредната година? Што би била Ваша препорака? Дали да се чека наредна година кога детето би имало полни 6 години?

Сметам дека во тој случај кога детето нема сеуште 5 год. и 7 месеци нема потреба да се брза. Во тој случај најдобро е да се направи соодветна предучилишна проценка на детето и да се земат сите факти во предвид. За информација, кога се прави таква проценка се земаат во предвид когнитивниот развој како и социо-емоционалниот развој на детето и на тој начин се добива една комплексна слика.

Дали успехот во училиште подоцна е во корелација со почетната старосната возраст на детето?

Најчесто нема причинско последична поврзаност. Меѓутоа, секогаш има изолирани случаи кога детето се соочува со потешкотии во социјализацијата со своите врсници и кај истото се јавува пад на самодоверба и следствено пад на успехот. Од друга страна, има случаи кои покажуваат дека децата кои тргнале порано на училиште вложувале повеќе труд од своите соученици и постигнуваат поголем успех.

Некои родители со цел да го заштитат детето од прераното тргнување во училиште бараат соодветни медицински документи и потврди со цел да се одложи овој старт. Дали е ова презаштитување на децата, и влијае ли оваа постапка врз детето?

Мислам дека секој родител го сака најдоброто за своето дете. Родителите најчесто самите знаат дали нивното дете е спремно за тргнување во училиште. Голем дел од нив кои се колебаат ги носат своите деца на проценка кај стручни лица и на тој начин одлучуваат. Од друга страна пак, има родители кои го одложуваат тргнувањето на детето во градинка, па подоцна и во училиште. На тој начин, сакајќи да го заштитат од потешкотии со кои детето би се соочило таму, индиректно влијаат на насоката во која се движи социо-емоционалниот развој на нивното дете.

Дали со почетокот на училишниот период “му се скратува времето за игра на детето”?

Таа изјава сме ја слушнале многупати во различен контекст. Од искуство знам дека првоодделенците ја преселуваат играта во училишните клупи и најчесто наставниот кадар има разбирање за тоа.

© ЕЦ СОНЦЕ - сите права задржани